ПИЈАНСТВО
Владислав Петковиќ-Дис
Не сакам да пијам, но пијан сум често.
Во меана, без другар, крај полни чаши.
Ја заборавам земјата, тоа место
со збрани јадови и пороци наши.
Не сакам да пијам. Но ко се затекол
мојот свет на радост, уморен, и моли
за мир, за спасение, за смрт и’л пекол,
јас на сè се смеам, па и сè ме боли.
Ќе притисне очај, сам, без волја иде,
цел еден живот, и со него се движи;
Извик го крши: „Подобро не ќе биде,
никогаш, никогаш не ќе сме без грижи.“
Жал ми е за себе. Не ми е пишано,
да имам земја без луѓе во црнило,
очи сини, топли како лето рано,
живот во светлост без мрак и студенило .
И сакајќи да се сокријам од срамот,
јас пијам, и сакам да сум пијан довек;
Тогаш не гледам порок, и безизлезот,
тогаш не гледам срам што сум и јас човек.
МОЖЕБИ СПИЕ
Владислав Петковиќ – Дис
Заборавив утринава песна една јас.
Песна една што во сон цела ноќ ја слушав:
Да ја слушнам пак, попусто се обидував,
Како песната да беше среќа, мојот спас.
Заборавив утринава песна една јас.
Во сон не знаев будењето каква е моќ,
Земјата дека бара сонце, утра, зори;
И дење ѕвездите губат бели одори;
Бледа месечина се движи во мртва ноќ.
Во сон не знаев будењето каква е моќ.
Сега едвај можам да знам дека имав сон.
Во него очи некои, небо нечие.
Некое лице, можеби детско, сечие,
Стара песна, стари ѕвезди и стар дневен ѕвон,
Сега едвај можам да знам дека имав сон.
Не памтам ништо веќе, ниту тие очи:
Како целиот сон да ми беше од пена,
Ил’ очите да се моја душа блажена,
Ни арии, ни сѐ што во сонот се случи;
Не памтам ништо веќе, ниту тие очи.
Но претчуствувам, само тоа сѐ уште знам.
Претчувствувам за очите, тие ме демнат,
Што чудно во животот ме водат и гонат:
На сон доаѓаат да видат што правам сам.
Но претчуствувам, само тоа сѐ уште знам.
Очи идат да ме видат, тогаш гледам јас,
Тие очи, таа љубови, тој пат на среќа;
Нејзините очи, лице, пролетни цвеќа,
Во сон гледам, но дали сѐ гледам во тој час.
Очи идат да ме видат, тогаш гледам јас.
Таа глава, коса круна и во неа цвет,
Погледот нејзин што ме гали, оживува,
Што ме гледа, што вели дека ме чувствува,
Што грижно ми пружа одмор и со нежност свет,
Таа глава, коса круна и во неа цвет.
Сега ја немам саканата, не ѝ знам глас:
Ни местото каде живее ил’ почива;
Неа и сонот на јаве ми ја покрива;
Можеби спие, гроб тажно и милува стас.
Сега ја немам саканата, не ѝ знам глас.
Можеби спие со очи вон светови зли,
Вон нешта, илузии, вон животна вина.
Со неа спие невидена убавина;
Може живее, ќе дојде по овие сни.
Можеби спие со очи вон светови зли.
ДУША
Јован Дучиќ
Зошто плачеш, драга, цела ноќ и ден цел:
Изгубена среќа сè уште е среќа!
Јадот во душа што на неа потсеќа,
Само е еден нејзин заостанат дел.
Не давај матна солза на тажно око:
Среќата не умира, ни кога минa.
Ехото, едвај чујно од далечина,
Тоа ти зборува во тебе длабоко -
Во самотни ноќи, кога шумат тажно
Реки полни ѕвезди, полни сенки гори...
Слухот песната нејзина не го мори,
Но душата претчувстува неизбежно...
ПЕСНА ЗА ЖЕНАТА
Јован Дучиќ
Ти си мој момент, моја сенка, и сјајна,
Мојот збор во шума, мој чекор, и блудна;
Само си убавина колку си тајна;
И навистина колку си мечта будна.
Остани недостижна, нема довека –
Сонот за среќа е повеќе од среќа.
Биди бесповратна, како младост; нека
Сенката и ехо се сè што потсеќа.
Срце има минато солзи што рони;
Во болка љубовта ја води по патот;
Вистина е она што душата сони;
Бакнеж е средба најголема на светот.
Од мојот привид ти си цела ткаена,
Твојот сончев плашт од мојот сон испреден;
Ти беше мислата моја восхитена;
Симбол на суета поразен и леден.
А ти не постоиш ниту постоеше;
Родена во тишините и осами,
На сонце во срцево само сјаеше;
Зошто, што љубиме – создадовме сами.
И ПАК ДУШАТА ЗА ТЕБЕ МИ СОНУВА
Алекса Шантиќ
И пак душата за тебе ми сонува,
се кине срцето и за тебе гине,
а твојата неверност се повлекува,
како темен облак на небото мине.
И повторно си ми чиста, сјајна, ведра,
од призракот твој блаженствата ме греат,
па пак јас тебе би ти паднал на бедра,
би ти гледал очи што слатко се смеат.
Така вита ела молњата ја згоди
во небото гледа и живот чека,
не мисли: небото облаци да води
од кои нов екот ќе згрми к’о река…
ВО ДОЦНА ЕСЕН
Воислав Илиќ
Чуј како цвили ветрот низ пустите полјани наши,
И густи слоеви магла тркала кон влажниот дол...
Со крик летнува гавран и кружи над мојата глава,
Небосводот е зол.
Фучи накиснато коњче. Брзо кон селото граби,
И веќе гледам пред себе бедна и стара стреа:
На прагот старица стои и мокра живина ваби,
И со опашот свој рунтав огромен пес до неа.
А ветрот морничаво свири низ црни, пусти полја,
И густи слоеви магла тркала кон влажниот дол...
Со крик летнува гавран и кружи над мојата глава,
Небосводот е зол.
Sviđa mi se Učitavanje...
Srodno